Филипче: Глигоров го трасираше патот кон создавање на европска Македонија

„Како политичар кој се водеше од принципите на демократијата, мирот и соработката, тој секогаш го одбираше патот кон стабилна иднина, со стремеж Северна Македонија да биде заеднички дом за сите нејзини граѓани“, објави претседателот на СДСМ за поранешниот шеф на државата

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: СДСМ

Денеска се сеќаваме и оддаваме почит на првиот претседател на независна Македонија и еден од најзначајните државници во нашата понова историја, Киро Глигоров, објави лидерот на СДСМ, Венко Филипче по повод 14-годишнината од смртта на првиот претседател на независна Македонија.

Филипче истакна дека Глигоров остави неизбришлив белег во изградбата на нашата државност.

-Во време на големи неизвесности и предизвици, со своите одговорни и државнички одлуки, Глигоров го трасираше патот кон создавање на современа, просперитетна и европска Македонија. Благодарение на неговата мудрост и визионерство беа поставени темелите на современата македонска држава. Како политичар кој се водеше од принципите на демократијата, мирот и соработката, тој секогаш го одбираше патот кон стабилна иднина, со стремеж Северна Македонија да биде заеднички дом за сите нејзини граѓани, порача претседателот на СДСМ.

Денес, кога се соочуваме со нови предизвици, додава Филипче, неговите дела и визија се наш патоказ за идните политики за напредок и просперитет на државата, но и обврска да ја чуваме државата како заеднички дом и да ја водиме одговорно и со јасна визија за подобра иднина за сите наши граѓани.