Денеска во седиштето на партијата, Венко Филипче ја презеде функцијата претседател на СДСМ од поранешниот претседател Димитар Ковачевски. Од партијата велат дека Ковачевски му честитал на изборот и му посакал понатамошен успех во работата и повторно градење победнички СДСМ.
Филипче посочил дека следи период на многу работа, обединување и реформа на СДСМ.
-Процесот нема да биде ниту брз ниту лесен, но освен темелни промени не постои друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, за да може постепено да ја освојуваме и довербата кај граѓаните. Ќе водам со пример, ќе обединувам и ќе работам како што ветив, како што се обврзав пред членовите. Сечиј глас ќе биде слушнат. Со честа и отворена комуникација со членството ќе создадеме нова енергија на партијата која ќе ја трансформираме во една ефикасна организација. СДСМ ќе се врати посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок, истакнал претседателот на СДСМ.
Филипче во неделата освои 9 илјади и 52 гласа на вонредните избори за претседател на социјалдемократите. Порача дека сега е време за обнова на СДСМ и многу работа, нема време за славење.
По него заврши Јован Деспотовски со освоени 2.705 гласови. На трето место со 905 гласа е Александар Бајдевски, а за Славјанка Петровска која се повлече од трката за претседател на партијата гласале 190 членови на СДСМ.
Деспотовски најави приговори и праша како е можно 10.000 членови кои се регистрирале да учествуваат во изборниот процес да не можат да го остварат своето право на глас. Сепак порача дека нема да прави фракции во партијата и најави поголем политички ангажман откако беше сменет од директорското место во ТИРЗ.