Филипче ја откри Резолуцијата со црвени линии: Македонија да ги спроведе уставните измени без прифаќање на нови барања

„Сите билатерални прашања со Бугарија да се решаваат во билатерални разговори и инструменти, на еднаква основа без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес“, порача Филипче

од Nikola Popovski
38 прегледи Фото: Принтскрин

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска излезе со предлог-решение за одблокирање на евроинтегративниот пат на Македонија. Неговата Резолуција со црвени линии се состои од два најбитни делови.

-Прво, Владата и сите институции доследно да се придружуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, историските, идентитетските и културните особености на македонскиот народ како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Ова се нашите црвени линии и сметаме дека треба да бидат црвените линии на целата нација.

Второ, дека Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги уставните измени, со јасна определба дека тоа е последна пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален идентитетски карактер. Сите билатерални прашања со Бугарија да се решаваат во билатерални разговори и инструменти, на еднаква основа без да се создаваат нови блокади на преговарачкиот процес, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

Лидерот на СДСМ очекува Собранието да го изгласа овој документ, иако, како што вели, нема веднаш да го достави до таму – со цел сите партии прво да го разгледаат и да дадат свои предлози. Смета дека ако се постигне националниот консензус, никој нема да може да не запре на патот кон ЕУ. Додава дека процесот треба да се интензивира после локалните избори.

Според Филипче, овој предлог доаѓа во пакет со Закон за улогата на Собранието во процесот на евроинтеграциите. Бара документот да не се злоупотреба во предизборната кампања.

-Доколку во текот на преговорите дојде до нови барања и прашања од било која земја членка за македонскиот јазик или било кое друго обележје или доколку биде блокиран преговарачкиот процес поради идентитетски прашања кои се надвор од Преговарачката рамка, тогаш претседателот на државата, Собранието и Владата преку заедничко писмо имаат обврска да ги информираат сите европски институции дека е потребно безусловно почитување на особеностите за кои не се преговара, истакна претседателот на СДСМ и додава дека Собранието треба да ја започне постапката за измена на Уставот, до фаза на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година.