Филипче ја призна грешката, дали истото ќе го стори и Ахмети, прашуваат од ВЛЕН за измените на КЗ

од Nikola Popovski
280 прегледи

ВЛЕН обвинува дека претходните интервенции на ДУИ во правосудниот систем беа неприфатливи. Ова следува откако вчера од СДСМ покажаа каење за измените на Кривичниот законик иницирани од претходната владеачка гарнитура.

-Со претходната гарнитура се смени и Кривичниот законик за намалување и застарување на казните на поранешните функционери, акт што ДУИ го претстави како усогласување со европските стандарди. Ова беше уште еден обид да се измамат граѓаните и да се заштитат нивните лични интереси на сметка на правдата и транспарентноста. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ја призна грешката, дали ќе го стори истото и Али Ахмети?, прашуваат од ВЛЕН.

Oд владеачката коалиција понатаму велат дека се посветени на чисти и чесни патишта.

-Се потпираме на поддршката од граѓаните за да изградиме подобра иднина за нашата земја. Преку избраните функционери ослободени од корупција, демонстрираме европско однесување и транспарентност во нашите постапки. Заедно ќе изградиме поправедно и поразвиено општество, велат од ВЛЕН.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вчера призна дека згрешиле и дека грешката треба да се исправи.

-Поради реакциите на граѓаните, реакциите на стручната фела и тоа што граѓаните го манисфестирала на изборите во смисла на гласовите. Не е чесно да затвориме очи и уши. Предлагам солидно решение и да продолжиме по патот на соработка со меѓународните институции. Апелирам до Владата да го стави на јавна расправа и заедно да го донесеме тој закон, кажа Филипче на брифинг со новинарите.

Според претседателот на СДСМ, има Кривичен законик во Министерството за правда изработен во 2017 година кога министерка беше Рената Десковска.

„Со измените во Кривичниот законик се намалија казните за злоупотребата на службената положба и овластувања и злосторничко здружување. Тоа доведе до застарување и ослободување на повеќе поранешни функционери. СДСМ, се претвори во маалска група“, коментира премиерот Христијан Мицкоски.

Вели си завршија работа, па сега имале нов Законик. Тој најави дека ќе има нов Законик, но по европски закони, а не по нечии потреби.

Слични содржини