Како некоректни и потценување на членовите на СДСМ, вака ги коментираше новиот претседател на СДСМ, Венко Филипче во вечерашната Топ Тема на Телма обвинувањата дека изборниот процес во партијата бил нелегитимен.
– Сметам дека е навреда на членовите некој да смета дека некој може да им влијае Впрочем сите противкандидати загубија и во своите матични општински организации. И јас ја разбирам таа ситуација. Знам дека се и емоции во прашање, беше кампања, избори, имаат луѓето различни очекувања. Јас сум човек кој има многу широк демократски капацитет, подготвен сум да трпам критики, под влијание на критики и други мислења да направам една широка платформа, рече Филипче.
Тој се осврна и на малиот број пријавени партиски членови за гласање на внатрешните избори. Нешто повеќе од 20.000 членови се регистрирале за изборите од вкупно 80.000 членови колку што има СДСМ. Според Филипче, тие уште во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори ставиле до знаење како се чувствуваат.
-Ние се соочивме со ситуација и сценарио во којашто околу 20.000 членови се регистрираа за да гласаат, и тоа споредено со 80.000 членови е значителна разлика. Меѓутоа за време на кампањите, за време на разговорите изминатите месеци за време на претседателската кампања и за време на парламентарната кампања луѓето ја изразуваа својата разочараност и многу отворено кажуваа зошто или нема да излезат на гласање и ќе ги бојкотираат изборите, или, пак, ќе одат и ќе го дадат гласот за некој друг политички субјект. Таа бројка на регистрирани гласачи, наши членови, не треба да не изненадува, истакна Филипче.
Најави многу работа и враќање на партијата на победничките патеки.
„Нашите членови многу брзо ќе се уверат дека мојата програма е целосно автентична и е базирана на тоа како јас ја перципирам промената којашто треба да се случи во партијата. Таа програма е градена на постулати коишто дојдоа од забелешките и предлозите на сите членови коишто покажаа различен степен на разочараност, коишто ги бојкотираа во еден дел изборите, не ни дадоа поддршка нам како партија иако биле долгогодишни членови. Јас таа програма планирам многу интензивно да ја спроведувам во следниот период“, рече Филипче.
Во тој процес, како што објаснува Филипче, ќе бидат вклучени што поголем број на членови коишто ќе сакаат да учествуваат во градењето на политиките.
„Јас ќе им ја дадам таа платформа на сите да бидат вклучени. Навистина ќе имаме многу работа во следниот период, за луѓето да сфатат дека работите се променети, дека секој еден член може да учествува во креирањето на политиките и дека тоа ќе биде почетокот на обединувањето, враќањето на луѓето коишто нè напуштија или останаа дома или гласаа за други политички субјекти за да за кратко време биде видлив“, истакна Филипче.
Тој порача дека најсложената операција во целокупниот овој систем ќе биде реформа на менталитетот во СДСМ, при што потенцираше дека негова цел ќе биде резултат да биде видлив и веќе на следните избори за 9 месеци ќе освои уште повеќе гласови од сега.