Филипче: Македонските национални интереси не се распродадени, тоа е само лажна кампања

Не треба да ги лажете граѓаните бидејќи тоа е сериозна работа со која ги загрозувате националните интереси на државата, одговори Филипче на новинарско прашање

од Nikola Popovski
160 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на првиот училишен ден го пофали Министерството за образование и наука со обезбедувањето на сите учебници за учениците, велејќи дека тоа им е работа, но порача дека има сериозни забелешки во грижата за наставниците. Според него, ако наставниците не се стимулирани и не им се зголемени платите, тогаш имаме сериозен проблем во државата.

Опозициската СДСМ предлага во Собранието да се усвои резолуција со „црвени линии“, која според нив треба да даде нов импулс во преговорите со Европската унија и да ја зајакне позицијата на државата во односите со Софија. Според Филипче, Владата бара изговори со уставните измени со одложено дејство и нема никаква дипломатска активност на таа тема.

-Очигледно дека се конзистентни кон тоа да нема преговори со ЕУ, а ние тоа нема да го дозволиме. Ќе се бориме бидејќи тоа е единствената иднина за нашата земја и ќе ставиме на маса – еве ги нашите црвени линии. Неделавата ќе го видиме документот, па ќе разговараме за следните чекори. Ако има чесен пристап од страна на власта, ќе седнат и ќе разговараат. Ова е едно од најважните прашања за иднината на државата, рече претседателот на СДСМ во изјава за медиумите.

Филипче посочи дека не се распродадени македонските национални интереси и тоа е само една лажна кампања.

-Не треба да ги лажете граѓаните бидејќи тоа е сериозна работа со која ги загрозувате националните интереси на државата, рече Филипче откако новинар го запраша „дали е предоцна за Резолуција откако веќе неговите претходници ги продале македонските интереси“.

Претседателот на СДСМ рече и дека национално предавство е да не се работи за интересите на граѓаните и државата.

-Во Делчево 90 од 100 матуранти се запишани на факултети во Бугарија, а ние овде зборуваме за некакви лажни национални предавства…, додаде меѓу другото Филипче во изјава за медиумите.