Филипче: Модуларната болница во Штип ќе биде готова до крајот на годината

од Nikola Popovski
135 прегледи

„Модуларната болница во Штип ќе биде готова до крајот на годинава. Освен Штип, приоритет се и Струмица, Струга и Гевгелија, така да и таму се работи на поставување на подлогата“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче при денешната посета на Центарот за јавно здравје и Здравствениот дом во Штип, каде оствари средба со менаџерскиот тим на установите и вработените во овие јавно-здравствени установи.

Министерот исто така најави дека овој здравствен дом ќе добие возило за Итната медицинска помош и посебна специјална опрема за возилата, а преку проектот на Светска банка, од следната година ќе бидат реновирани сите вакцинални пунктови во државата.

„Во Штип има сосем доволна количина на тестови за коронавирус и близу 100 тестирања се прават на дневно ниво. Системот на координација функционира добро и пунктовите за тестирање работат во две смени“, истакна Филипче.

Во текот на денот, министерот објави дека се започнати интензивни подготовки со кои ќе се подготви здравствениот систем за вакцинацијата за Ковид-19.

„Обезбедивме 833.000 вакцини за 400.000 граѓани преку Ковакс механизмот. Вакцинацијата ќе биде бесплатна за граѓаните и ќе се врши во вакциналните пунктови и болници“, напиша министерот на својот Фејсбук профил.

Слични содржини