„Не можеме сите болници да ги претвориме во ковид центри, има пациенти кои имаат потреба и од други здравствени услуги. Затоа мораме да преземеме мерки, со цел повеќе граѓани да се вакцинираат, со оглед на тоа што 80 посто од хоспитализираните се невакцинирани, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека Комисијата за заразни болести предлага нови мерки.
“Сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа, во сите институции , за одење на работно место, да мора да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат пцр негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа а ќе биде направен на сопствен трошок, или пак да имаат потврда за прележан Ковид-19 не постара од 45 дена или ќе имаат потврда од лекар специјалист дека вакцината не може да ја примат а тоа се некои од ретките имунолошки состојби за кои ние ќе излеземе со листа на болести и специјалисти кои тие потврди ќе може да ги издаваат,” изјави Филипче.
Филипче додаде дека комисијата препорачала на мерките да се приклучат и приватните компании .
„Препорачуваме кон ова да се приклучат и приватните компании. Стигна писмо од Стопанската комора на оваа тема, со цел да се заштитат производствените капацитети“, рече министерот.
За тоа кој ќе ги проверува сертификатите министерот рече дека тие ќе препорачаат самата институција да има назначено лице за проверка .