Филипче на линија со Димовски: Нека се декласифицираат информациите за наводното прислушување за да нема „лов на вештерки“

Имам впечаток дека само се нафрлуваат некои работи во јавноста, за да се крене некаква фама. Ги спомнав случајот со поткуп, пратење со дронови, дестаблизација...Еве немаме никакви информации - рече лидерот на СДСМ

од Nikola Popovski
20 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче се согласува со екс-директорот на АНБ, Виктор Димовски дека треба да се декласифицираат информациите за наводното прислушување на премиерот и тогашен лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски. Смета дека Обвинителството треба што поскоро да се расчистат наводите за да нема „лов на вештерки и лов во матно“. Тврди дека граѓаните и јавноста го заслужуваат тоа.

-Во време на СДСМ се направија сериозни реформи во АНБ и во целиот безбедносен систем. Остро реагиравме на најавите на премиерот дека агенциите треба да се спојат поради тоа што го имавме искуството од претходното владеење на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и тоа што го слушна целокупната јавност како го злоупотребиле тој систем. Јас сум за се што треба Обвинителството да направи и да се дознае вистината за случајот. Имаше претходно неколку најави, но ништо не се дозна. Имам впечаток дека само се нафрлуваат некои работи во јавноста, за да се крене некаква фама. Ги спомнав случајот со поткуп, пратење со дронови, дестабилизација…Еве немаме никакви информации. Јавноста го заслужува тоа да се расчисти случајот, рече денеска Филипче на прес-конференција.

Лидерот на СДСМ му верува на Димовски, но, како што вели, едно е што јас мислам лично, а друго е што ќе покажат информациите.

-Не сакам да бидам ничиј адвокат исто како што не сакам некој мене да ми биде адвокат во јавноста. Нека излезат информациите, па нека судат експертите и јавноста, додаде Филипче.

Денешните тврдења на екс-директорот на АНБ и негирањата се во спротивност на оние што вчера ги изнесе премиерот Мицкоски, кој рече дека и Агенцијата за разузнавање и АНБ „се занимавале“ со него, односно бил прислушуван додека бил во опозиција, а цел на оперативна обработка биле и новинари и бизнисмени.

Актуелниот директор на Агенцијата задолжена за безбедноста на државата и контраразузнавањето, Бојан Христовски, не даде повеќе информации за предметот што го иницирале бидејќи, како што кажа, документите се класифицирани со висок степен на тајност, но рече дека и тоа како имаат индиции оти еден поранешен директор и помала група вработени во институцијата ја злоупотребиле својата службена положба и дека за тоа е известено надлежното Јавно обвинителство.