Власта брза со избори напролет за да го реализира проектот мигранти за пари, рече синоќа претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Така ги толкуваме еден дел од неговите изјави (на премиерот Мицкоски): Немало да има мигранти до март, па после до април, еве сега до јуни. Јас сметам дека гледаат како им се топи кредибилитетот кај граѓаните, како ги губат гласачите – веќе 140.000 гласови изгубија за две неполни години. Пола од мандатот помина лани, што не направија, што направија? Ништо“, кажа Филипче во емисијата „360 степени“ на МТВ.
Лидерот на СДСМ вели дека „тие за пола мандат ги дуплирале платите на докторите“ и прашува „што направи оваа влада?“.
-Две години поминаа, ќе видите , вака ќе биде, така ќе биде, ова ќе правиме, она ќе правиме, а они мигранти носат за пари во позадина. Така да ја сметам дека една од опциите е избори за после да го реализира тој проект, посочи Филипче.
Претседателот на СДСМ тврди дека и опозициски партии бараат соединување со неговата партија. Филипче истакна дека разговори за обединување веќе се водат на повеќе нивоа:
-Има разговори на повеќе нивоа. Прво, приклучување на помали партии кон нашата. Има одредени политички партии кои сакаат да се приклучат кон СДСМ, да се приклучат, да се соединат целосно. Понатаму, партиите кои ја напуштија коалицијата и сега практично се каат за своите одлуки. И морам да кажам дека ние се спремаме за победа на следните парламентарни избори, кажа лидерот на СДСМ.