Филипче најави кандидати за локалните избори и повика на транспарентност околу спорниот договор со Британија

од Марта Пешевска
78 прегледи

Раководството на СДСМ продолжува со изборот на кандидати за локалните избори кои ќе се одржат оваа есен. По потврдата на Горан Герасимовски за општина Центар и Томе Христоски за Крушево, лидерот на партијата, Венко Филипче, најави дека наскоро ќе бидат соопштени и другите имиња.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ, Филипче потврди дека потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова, се пријавила за кандидат за градоначалник на Град Скопје. Сепак, партијата сè уште преговара и со други претенденти, меѓу кои и независни кандидати. Во Струмица, изборот на кандидат сè уште не е завршен, а конечната одлука ќе се базира на анкети и мислења од членовите на партијата.

Актуелните градоначалници генерално ќе добијат поддршка за нов мандат, вели Филипче, посочувајќи го примерот на Крива Паланка каде што актуелниот градоначалник Сашко Митовски ќе се кандидира повторно. На прашањето дали постои ризик од лош изборен резултат и дали тоа ќе влијае врз лидерството на партијата, Филипче одговори дека тој е претседател на СДСМ само нецели два месеци и дека ќе го заврши својот мандат.

За евроинтеграциите, Филипче рече дека е потребен национален консензус меѓу сите партии за преговорите со Европската Унија да продолжат. Тој ги поддржува предлозите за декларации и документи кои ќе ја афирмираат македонската историја, јазик и идентитет во Европскиот парламент и ја критикува блокадата од ВМРО-ДПМНЕ на неколку важни закони кои, според него, им се потребни на граѓаните.

Во врска со контроверзијата околу „златната виза“ за Дубаи, Филипче ги отфрли обвинувањата дека ја добил преку бизнис или инвестиции. Тој потврди дека визата ја добил како лекар, поради струката што ја има, и најави дека ќе објави документи како доказ. Дополнително, го критикуваше владејачкото мнозинство дека има членови со бугарски пасоши и бизниси во Бугарија, што според него ја одвлекува вниманието од вистинските проблеми.

На крај, Филипче се осврна и на договорот со Британија за задолжување, изразувајќи загриженост за неговата нетранспарентност и потенцијална нерамноправност, и повика на поширок политички договор за стратешките проекти кои го надминуваат мандатот на една влада.