Филипче најавува проширување на опозициската платформа, но тврди дека СДСМ е единствен кој може да му парира на ВМРО-ДПМНЕ

-Ја разбирам негативната емоција. Сметам дека се должи на неисполнети очекувања во очи на изборите и ги разбирам луѓето. Сметам дека кога емоциите ќе спласнат, ќе може да се дебатира поразумно и пофер и поотворено бидејќи сите се потребни во партијата, кажа Филипче на прес-конференција

од Nikola Popovski
38 прегледи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче денеска порача дека веќе ги најавил промените во раководството и дел од политиките на партијата. Сепак, истакнува дека иделошките политики на СДСМ остануваат исти. Најавува проширување на опозициската платформа за сите граѓански организации и политички чинители.

-Сметам дека ние сме единствената политичка сила која што може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ. Потребен ни е поширок, посилен и поорганизиран фронт. Тоа е еден дел од лекциите кои ги научивме од локалните избори и сум сигурен дека тоа ќе го спроведеме во периодот кој што претстои, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.

Филипче објасни дека нема нови оставки на СДСМ и кажа дека работи на комплетирање на целиот тим во однос на претходно понудените оставки.

-Ја разбирам негативната емоција. Сметам дека се должи на неисполнети очекувања во очи на изборите и ги разбирам луѓето. Сметам дека кога емоциите ќе спласнат, ќе може да се дебатира поразумно и пофер и поотворено бидејќи сите се потребни во партијата. Не сакам да се брзам со процесот, но навремено ќе информираме, кажа претседателот на СДСМ.

Филипче додаде и дека „за победа и пораз, одговорноста не е за еден човек туку секогаш е колективна“. Вели дека има општини каде што СДСМ имал добри резултати и зголемување на гласовите. За жал, вели дека има општини и каде не дошло до очекуваното.

-Луѓето се враќаат во СДСМ и тоа нема да запре. Ќе продолжи и во иднина. Ги разбираме емоциите и очекувањата, така да ќе дебатираме многу поразумно кога ќе помине одреден временски период. На сите им е местото овде. Нудам платформа за сите да учествуваат, оценува Филипче.