За вчерашниот упад во редакцијата на „Инфомакс“ додека се емитуваше поткастот „Тешки муабети“, лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека е најголемиот медиумски инцидент после упадот во „А1 Телевизија“ во 2010 година. Филипче на прес-конференција информира дека напаѓачот е член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на СДСМ потенцира дека слободата на граѓаните е загрозена и рече дека „нема да чекаат да почне да испраќаат тепачи по домовите по српскиот модел“.
-Српското сценарио на ВМРО-ДПМНЕ започна синоќа. Зошто синоќа? Како што знаете, повеќе денови наназад предупредуваме дека премиерот Мицкоски договорил преземање на мигранти во Македонија. Сите овие денови бараме да одговараат дали е договорен план за преземање и дали ќе им се обезбеди престој и работа, дали планираат да ги сместат во шатори или да им градат социјални станови…Одговор нема. Одговорот е јасен – мигранти во јуни во Македонија, кажа претседателот на СДСМ.
Тој ги критикува колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека не сакаат да одговарат дали ќе ја поддржат нивната Резолуција во Собранието за стопирање на евентуално носење на мигранти од Велика Британија. Филипче притоа оценува дека избори ќе има напролет.