Филипче: Не бев нападнат, човекот беше вознемирен затоа што бараше помош

од Берта Китинска
183 прегледи

Обезбедувањето на Министерството за здравство утринава викнало полиција зашто вознемирен граѓанин на скалите од зградата со повишен тон барал да се сретне со министерот за здравство Венко Филипче, дознава Слободен печат.

Сепак Филипче рекол дека не дошло до напад, туку дека човекот бил вознемирен затоа што бил на мака.

-Рече дека не го примале во болници, па бараше помош. Не дојде до никаков напад, обезбедувањето се вознемирило и повикало полиција превентивно. Граѓанинот дојде со документи и бараше помош за здравствена состојба. Јас го примив, поразговаравме, го упатив каде да оди, си имаше мака, му дадов телефон да ме бара и подоцна да видиме што ќе направи во болница, вели Филипче за „Слободен печат“.

Според полициската белешка, утринава во 7 часот и 15 минути од Одделот за обезбедување пријавено е машко лице како седи на скалите пред Министерството за здравство. Од Страна на полициска станица Центар испратена е служба која констатирала дека се работи за лицето А.А. родено 1987 година. Лицето кај себе немало оружје. Лицето се состанало со министерот за здравство разговарале за некој проблем што го имал на една од клиниките и потоа си заминало, стои во полициската белешка за настанот.

Слични содржини