Филипче: Не е прифатлив одговорот на Мицкоски дека нема пари за покачување на минималецот

-Колкава сума да е таа, оваа Влада мора да најде, рече лидерот за зголемувањето на минималната плата

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција порача дека не е прифатлив одговорот на премиерот Христијан Мицкоски или од Министерството за финансии дека не можат да најдат пари за покачување на минималната плата.

-Тоа не е прифатлив одговор. Колкава сума да е таа, оваа Влада мора да најде, рече Филипче, додавајќи дека СДСМ ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра, за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.

Филипче беше запрашан и за евентуалното укинување на Техничката влада и најавите од страна на актуелната власт.

-Општеството повторно не е зрело за укинување на Техничката влада. Ако е донесена со консензус, нека се укине со консензус. Каков е тој став дека сега ќе ја остават затоа што вие сакате…Ние не сакаме без аргументи, ние од каде да знаеме дека на следниот изборен циклус, тоа ќе биде ситуација во која што вакви параметри кои сега се причина за противење на укинувањето, повторно нема да има. Не можеме да знаеме. Не е коректно и таков предлог нема да поддржиме, одговори лидерот на СДСМ.