Филипче: Нема да го поддржиме Законот за прекршоци, кој ќе ја регулира огромната база на лични податоци

„Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана“, порача лидерот на СДСМ

од Nikola Popovski
30 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче посочува дека пратеничката група од неговата партија нема да го поддржи Законот за прекршоци кој што е важен за спроведување на системот „Безбеден град“. Повтори дека не се против безбедноста во сообраќајот, но, вели, не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира.

-Ние сме и за безбедност на личните податоци кој што повторно власта не го коментира ниту се обидува да го регулира. Видовме дека седнаа на лидерската средба, се договорија, па ќе видиме што е резултат од пазарот. Ние сме конструктивна опозиција, но не сме контролирана. Нема да си дозволиме да поддржиме закон во кој што сериозни аспекти не се регулирани, како што е огромната база на податоци, рече Филипче на прес-конференција во седиштето на СДСМ.

„Безбеден град“ ќе стартува од први февруари. По најавите на ДУИ дека ќе даде зелено светло, ќе го има потребното двотретинско мнозинство за законските корекции во Собранието. Сепак, бараат да се имплементираат нивните забелешки.

Во меѓувреме камерите од системот „Безбеден град“ се во тест фаза до крајот на месецов. Од МВР велат, на одредени улици и булевари нема да има сообраќај за време на процедурата.