Последната лага за наводно непријавени пет станови на Филипче е во серијата глупости кои може да влезат во рубриката „верувале или не“, рекоа од СДСМ по обвинувањата на пратеничката и портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева за становите на лидерот на најголемата опозициска партија.
Според СДСМ, Филипче има ист имот и во двата имотни листа, иста квадратура и вредност на имотот.
-Филипче нема ни метар квадратен повеќе имот и ВМРО-ДПМНЕ ова го знае, но намерно лаже. Разлика која се појавува е заради начинот на пријавување на имотот во ДКСК.
Со новиот начин потребно е да се приложат имотните листови, а не вкупниот имот. Така, становите кои имаат по два имотни листа како споени стамбени единици, сега се прикажуваат како два имоти.
Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми опозиција и слободно да го докаже спротивното, стои во партиското соопштение.
Претходно Митева изјави дека СДСМ и нејзиниот лидер молчат повеќе од 48 часа за 5-те станови на Венко Филипче во Скопје, кои сега ги пријавува дека ги поседува, дури 6 години откако станал носител на службена функција, а ги добива пред да влезе во политиката.
-Загрижувачки е и молкот од надлежните институции. Доволно е да се погледнат двата анкетни листови на Филипче од 2018 и 2024 година и ќе се дојде до едноставен заклучок дека имотот што сега го поседува е купен пред 2018 година, но не го пријавил кога станал министер. Уште позачудувачко е тоа што не го пријавил богатството што го пријавил во 2018 година, ниту приходите од продажбата, рече Митева.
Таа ја повика Антикорупциската комисија веднаш да отвори предмет и да започне постапка против Филипче.
-Недвижниот имот што Филипче го пријавил во 2018 година, а сега го нема, е над 600.000 евра. Каде е имотот и ако го продал зошто не ги пријавил парите? Недвижниот имот кој Филипче пак го пријавил во 2024 година, а потенцираме е стекнат пред 2018 година, согласно достапните информации може да се процени на над 700.000 евра. Дали Венко Филипче криел имот и притоа заборавил што пријавил во 2018 година? Колку уште имот крие Венко Филипче? Ако се собере вредноста на недвижниот имот на Филипче од 2018 и 2024 година се доаѓа до сума од над 1.3 милиони евра, нагласи пратеничката.