Филипче: Никој од моето опкружување и раководство нема да си дозволи да не дига телефон или да ги игнорира барањата на луѓето

од Nikola Popovski
2,8K прегледи

Пратеникот Венко Филипче од вчера почнал со претставување на програмата за нов лидер пред членовите на СДСМ во Струга и Охрид. Вели дека неговата визија за СДСМ е ефикасна и функционална партиска организација која работи во интерес на членовите и граѓаните.

-Ако бидам избран за претседател ветувам дека секој член ќе се чувствува ценет и слушнат, а граѓаните во СДСМ ќе препознаат приземна, професионална и модерна партија. На денешните средби ја презентирав првата поголема реформа, во делот на демократизацијата на изборот на претседатели на општински организации. Тие ќе се бираат на внатрепартиски избори бидејќи само така ќе ги избереме оние кои имаат најголема поддршка од членовите. Јас не верувам во наметнати решенија туку инклузивни политики на менаџирање, порачал Филипче.

Пред членовите, додава тој, истакнав дека довербата во членството и граѓаните ќе ја вратиме со достапност, отвореност, одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери.

-Никој од моето опкружување и раководство нема да си дозволи да не дига телефон или да ги игнорира барањата на луѓето. Тоа е мој пристап и таков пристап ќе барам од сите во партијата, рекол кандидатот за претседател на СДСМ.

Покрај Филипче, утврдени се кандидатурите на Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски за изборите за претседател на партијата што ќе се одржат на 30 јуни.

Доскорешниот потпретседател на партијата, сега пратеник, Фатмир Битиќи на социјалните мрежи објави дека нема да се кандидира, иако многумина тоа го очекувале. Најави дека останува во СДСМ и дека можеби ќе делува како фракција.

Претстојните избори ќе бидат трети внатрепартиски избори на кои претседателот на СДСМ ќе се бира со непосредно гласање на членството. По нивното воведување, првите се одржаа во март 2021 година кога екс-лидерот Зоран Заев доби нов мандат. Меѓутоа, за помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Ковачевски откако токму Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година.

Слични содржини