Жарко Јовановски и неговата сопруга Бисерка се доктори во пензија, тој анестезиолог а таа стоматолог. Прекрасни луѓе кои цел живот биле посветени на здравјето на нивните сограѓани во Крива Паланка. Жарко во екот на пандемијата, иако во пензија, се понудил да волонтира и помага. Еднаш лекар, секогаш лекар вели тој, објави министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил, откако се сретна со граѓаните на Крива Паланка во рамки на маалските средби кои ги организира СДСМ како дел од караванот „Најдоброто за нашата општина“.
Тој додаде дека пандемијата не научи колку се важни здравствените работници и затоа силно вложуваме во нив.
„Платите постојано растат, специјализантите ќе бидат платени за време на специјализација, а обезбедивме бонуси за сите колеги кои беа во првата линија во битката со пандемијата“, стои во објавата на Филипче.