Лидерот на СДСМ, Венко Филипче најостро ги осудува иредентистичките изјави на лидерот на крајнодесничарската бугарска партија Преродба, Костадин Костадинов, со кои тој го поткопува суверенитетот и достоинството на Македонија и го негира посебниот македонски етнички идентитет.
Според Филипче, негирањето на посебноста на македонскиот јазик, идентитет и историја претставува директно кршење на принципите на меѓународното право и основните вредности на Европската унија.
Претседателот на СДСМ повикува и очекува официјална Софија јасно и недвосмислено да се огради од изјавите на Костадинов, кои се во спротивност со европските вредности и принципите на добрососедство.
-Ја повикувам Европската унија јасно да го осуди ваквиот однос, кој ги поткопува универзалните човекови права и европските вредности, и да покаже дека ваквите изјави немаат место во ЕУ. Очекувам македонската влада итно да соопшти конкретни мерки за спречување на ваквите иредентистички изјави и активности и да преземе активности за заштита на македонското национално достоинство и интереси. Секој обид за негирање на македонската посебност е неприфатлив и директно спротивен на европските вредности за почитување на различностите, стои во објавата на лидерот на СДСМ.