Филипче од Брисел: Барам поддршка од Европа за одбрана на демократијата во Македонија

„Донесената срамна Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието е директен удар врз демократијата, слободата на говор, мислењето и политичкото дејствување“, тврди Филипче

од Nikola Popovski
55 прегледи Фото: СДСМ

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче од Брисел, каде што присуствува на средба на сестринските социјалистички и социјалдемократски партии, порача дека донесената Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ против нелегална миграција е директен удар врз демократијата, слободата на говор, мислењето и политичкото дејствување.

Според Филипче, кога парламент носи неуставна резолуција, како што вели, против опозицијата, тогаш државата престанува да биде демократска и влегува во авторитаризам. Филипче обвинува за „режим“.

-Власта сака да ја замолчи и да ја забрани работата на опозицијата, да создаде еднопартиска држава и да ја згасне слободата на говор. СДСМ тоа нема да го дозволи, ќе ја одбраниме слободата и демократијата.

Овде, во Брисел, ќе побарам поддршка од цела Европа, од сите прогресивни и демократски сили, од сестринските социјалистички и социјалдемократски партии. Македонија мора да биде слободна, демократска и европска држава.

Време е за формирање единствен граѓански фронт – фронт за правда, слобода и демократијата. Фронт во кој сите, без разлика на партиска, етничка или идеолошка припадност, ќе застанеме како еден во одбрана на демократијата, слободата на говорот и мислењето, и во одбрана на Македонија, стои во пораката на Филипче, објавена на сајтот на СДСМ.