Филипче од Корчула: Новата десничарска Влада крои политики со кои ќе ги деградира правата на работниците

од Vladimir Zorba
35 прегледи

Потребно е обединување на социјалдемократските партии и стратегија за нов пристап кој успешно ќе одговори на промените што се случуваат во земјите во Европа. Социјалдемократите се должни да ги заштитат демократските вредности и да понудат јасна стратегија за решавање на суштинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Врвен приоритет во мојата програма како претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е да ги реафирмирам вистинските социјалдемократски вредности и да ги приспособам на потребите на денешниот социо-економски контекст, не само во Северна Македонија, туку и низ Европа и пошироко, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето на 13. тинк-тенк школа „Корчула“.

Како што информира СДСМ, Филипче истакна дека и покрај тешките домашни, но и геополитички околности, владата предводена од СДСМ останала на реформскиот пат воден од социјалдемократските принципи и ги подобри јавните услуги, програмите за социјална помош и работничките права.

-СДСМ во наредниот период неуморно ќе се бори за решавање на проблемите на граѓаните и силно ќе се спротистави на обидите да се омаловажат работниците и нивниот труд. Новата десничарска Влада има политики со кои планира да ги деградира правата на работниците на сметка на крупниот капитал и да ја врати државата назад кон еден модел на див капитализам. Во тој модел силно ќе страда стандардот на граѓаните и ќе придонесе кон забрзан раст на социјалните разлики. СДСМ во својата нова програма ќе понуди ефикасен модел за економски раст каде правата на работниците и животниот стандард ќе растат истовремено поддржувајќи го растот на компаниите и економијата. Имаме јасна стратегија како може да постигнеме подобри резултати за сите граѓани, нагласи Филипче.

Тој напомена дека Европа се соочува со налет на националистички и авторитарни режими коишто претставуваат закана за мирот и стабилноста. Токму затоа, социјалдемократските партии мора да се обединат и да најдат заеднички начин за излез од оваа заканувачка ситуација.

-Во време на силен налет на радикални партии, одбраната на демократските вредности и вистина не била никогаш поважна. Социјалдемократските партии се клучни во одбрана на демократските вредности, одржување на стабилноста и заштита на граѓаните во услови кога имаме подигнати тензии. Северна Македонија не е исклучок од трендовите во Европа. И ние се соочуваме со истите предизвици како и многу други земји: фрагментација на левичарските партии и пораст на екстремни идеологии кои, иронично, повеќе се приклонуваат кон десницата, истакна лидерот на СДСМ.

Филипче зборуваше во рамки на дискусијата „Социјалдемократија 3.0 – помеѓу песимизмот и оптимизмот“ која претставува платформа за дијалог меѓу водечките политичари социјалдемократи од регионот и од ЕУ, граѓанските организации и експертите за изнаоѓање на соодветен одговор за политичката ситуација и насоката во која треба да се движи прогресивната социјалдемократска мисла.

Слични содржини