Претседателот на СДСМ, Венко Филипче по отворање градинка на територија на Општина Центар на новинарско прашање одговараше дали за изборите СДСМ би коалицирала со ДУИ.
Тој одговори дека ќе разговараат со сите политички партии, меѓутоа, рече, „принципите на коалиција значат дека коалициските партнери прво треба да се почитуваат, да се целосно согласни околу програмите кои ќе им ги ветиме на граѓаните“.
-Односно имплементираме научени лекции од претходните коалиции коишто на некој начин го оштетија имиџот на СДСМ, изјави лидерот на СДСМ.
Филипче беше прашан и за нивната анкета и обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека „ја измислиле“. Одговори дека тоа е нивна „голема теренска анкета“ од којашто, рече, гледаат „пад на популарноста на ВМРО-ДПМНЕ од неколку десетици илјади гласови и почетен тренд на раст на гласовите на СДСМ“.
-Во следниот период ќе ја прикажеме анкетата. Ние излеговме со став дека таа анкета што ВМРО-ДПМНЕ ја цитираше и прикажа во јавноста пред неколку недели практично не ја одразува вистинската ситуација на терен. Тоа го потврди и анкета од еден целосно независен институт. Така што, трендовите се очигледни. Очигледно е дека граѓаните се јасни дека оваа владејачка коалиција дојде на власт со една лажна патриотска кампања, едноставно ја заглави државата, а во Македонија, сепак, живеат луѓе кои се прозападно, пролиберално ориентирани … ја кажаа својата порака на минатите избори, јас со новото раководство ги имплементирам сите научени лекции во нов начин на менаџмент на партијата … така што постепено Македонија ќе се буди, изјави Филипче.