Филипче: Оваа Влада е историски најлоша влада од независноста до денеска и тоа се виде само за една и пол година

Во недела одлучуваме дали лажниот патриотизам и поделбите ќе продолжат или љубовта кон татковината и заедништвото ќе надвладее, рече Филипче.

од Vladimir Zorba
32 прегледи

Вашата сила е во гласањето. Ве повикувам да ја покажете таа ваша сила во недела, со масовно излегување на гласачките места. Со вашиот глас да пратите силна порака затоа што на Македонија ѝ се потребни промени, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на митинг во Крива Паланка.

Филипче се заблагодари за, како што рече, масовната поддршка и порача дека Македонија стои пред избор, дали ќе дозволи „нашиот дом власта да продолжи да го руши цигла по цигла, или народот ќе се обедини за да го зачува“.

-Ова не се обични локални избори. В недела одлучуваме дали ќе ја вратиме правдата, достоинството и чесноста во нашата земја. Одлучуваме за иднината на секое семејство, за сигурна иднина на младите, за држава во која трудот се цени, а не партиската книшка, истакна Филипче.

Тој рече дека СДСМ е партијата која секогаш ја водела Македонија напред, со конкретни политики и дела, а не со лаги и манипулации.

-Сакаме достоинствени плати за достоинствен живот, праведна држава и институции што служат на граѓаните. Тоа можеме да го постигнеме само ако во недела излеземе масовно и гласаме – за нашата држава, за нашиот дом, за број 5“, рече Филипче.

Тој упати повик за единство и активност.

-Време е да се исправиме, да ја покажеме нашата сила, да ја вратиме надежта и да ја вратиме државата во рацете на народот. Во недела, секој глас е важен. Се враќа силата на народот, се враќа СДСМ, рече Филипче.

Toj истакна дека овие локални избори се избори за одлука, „момент кога секој глас станува дел од голема приказна за обнова и единство, а гласот за СДСМ е глас за враќање на надежта во Македонија“.

-В недела одлучуваме дали ќе живееме во држава со ред, правда и чесност, или ќе во држава на хаос, корупција и привилегии за блиските на власта како што е сега. Или нашиот дом ќе продолжат да го рушат цигла по цигла, како во изминатите една и пол година, или сите заедно ќе го спасиме. Во недела одлучуваме дали лажниот патриотизам и поделбите ќе продолжат или љубовта кон татковината и заедништвото ќе надвладее, рече Филипче.

Тој посочи дека сега не е време за апатија и разочараност, туку време за обединување и масовно гласање.

-СДСМ е тука за вас, на ваша страна. СДСМ се крена, СДСМ се враќа.СДСМ е партијата што донесе независност по мирен пат, што ја внесе Македонија во НАТО, што ги отвори вратите кон Европа, што секогаш беше со граѓаните и во кризи и кога беше најтешко. Да се бориме за држава што ќе биде место на сигурност, правда и достоинствен живот, рече Филипче.

Концептот на СДСМ, како што кажа Филипче, е концептот за општество во кое секој човек е важен.

-А тој концепт, тој граѓански дух, го изгубивме со ВМРО-ДПМНЕ. Нашата борба е за враќање на граѓанскиот концепт, за општество во кое никој не е над законот, и никој не е под достоинството што му припаѓа. Борбата на СДСМ е борба за подобри денови за Македонија, за домот што го сакаме, што го чуваме и што мора да го спасиме, рече Филипче.

Тој изјави дека Мицкоски има апсолутна власт, централна, локална, се е под контрола негова, а, како што рече, покажува историска неодговорност.

-Оваа Влада е историски најлоша влада од независноста до денеска и тоа се виде само за една и пол година. Влада без ниту едно реализирано ветување, без план, без резултат. Влада на порази и понижувања, изјави Филипче.

Претседателот на СДСМ рече дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја киднапирале кампањата, сеејќи поделби, напаѓајќи го СДСМ и оцрнувајќи го него.

-Нема ниту еден резултат да излезе пред граѓаните и да го соопшти. И нема поголемо признание за катастрофалните политики на оваа Власт од неговото однесување за време на оваа кампања, порача Филипче.

Тој изјави дека СДСМ во Крива Паланка ќе слави победа уште во првиот круг.

Филипче истакна дека Крива Паланка е една од најубавите општини во државата и тоа, како што посочи, благодарение на посветената работа на градоначалникот на СДСМ и неговиот тим.

-За резултатот на Сашко во Крива Паланка јас вечерва нема зборувам. Вие тоа го знаете многу добро, се гледа на секоја страна во Крива Паланка, каде и да се заврти човек, делата зборуваат гласно. Овде се работело, а граѓаните тоа го гледат, го живеат секој ден. Затоа, нашата борба за Крива Паланка ќе продолжи со нов мандат, со победа на СДСМ и коалицијата и на советничките листи, рече Филипче.