Лидерот на СДСМ, Венко Филипче упати искрени честитки до албанскиот премиер, Еди Рама и сестринската Социјалистичка партија за убедливата изборна победа.
-Му посакувам многу успех во новиот, четврти мандат. Убеден сум дека соседна Албанија ќе продолжи по патот на напредокот, стабилноста и европска интеграција. Оваа победа е уште една потврда дека граѓаните имат доверба во социјалдемократските вредности и прогресивните политики. Со Еди очекувам продолжување на одличната соработка меѓу нашите партии и зацврстување на пријателските односи меѓу Македонија и Албанија, стои во објавата на Филипче.
Социјалистичката партија на албанскиот премиер води на парламентарните избори, по отворањето на првите гласачки кутии, објавува утрово „Албанијан пост“, повикувајќи се на податоците објавени од Централната изборна комисија (ЦИК), кои се однесуваат на првите 1.038 гласачки кутии отворени низ цела Албанија, од вкупно 5.225.
Според податоците објавени од ЦИК, Социјалистичката партија успеала да добие 53,26 проценти од гласовите на вчерашните избори. Според проекциите на албанскиот медиум, Социјалистичката партија најверојатно е на пат кон својот четврти мандат, со оглед на тоа што убедливо води и има предност во поголемиот дел од регионите во земјата, откако беа отворени првите гласачки кутии.