Во државата имаше систем со кој не се знаеше какви лекови се даваат во државата, најмногу за пациентите со малигни болести и за дијабетичарите пред да ја преземам функцијата министер. Но законот го променивме и оттогаш лековите се со европски критериуми, рече поранешниот министер за здравство, Венко Филипче на денешната седница на Анкетната комисија за Клиниката за онкологија.
Паралелниот увоз на лекови кој постоел до 2018 година, како што посочи, овозможувал лековите што влегуваат во државата да бидат без сертификат за квалитет.
За тоа што биле набавувани лекови на реверс, Филипче рече дека тоа било направено за пациентите да не останат без лек.
-Реверсот е за пациентите да не останат без лек. Во јануари имате 100 пациенти со една дијагноза. Во март дошле 20 нови, а првите 100 мора цела година да го примаат лекот. Затоа е земан реверсот. Не го оправдувам тоа, ама нема што да прават. Ќе останеле пациентите без лек. Системот треба да се смени, рече Филипче.
„Политичката одговорност треба да се бара претходно, зошто немало лекови, односно имало, ама само за мал број пациенти. Не сум дал иницијатива да се воведе КАТО систем. Ако сум дал предлог, ќе сум го имплементирал. До моментот на моето доаѓање на функција, не сум знаел ништо за Клиниката за онкологија, додаде Филипче.