Лидерот на СДСМ, Венко Филипче преку објава на социјалните мрежи обвинува дека наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, премиерот Христијан Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Според Филипче, преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ, а, како што објавува, премиерот зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“.
„Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски“, порачува лидерот на социјалдемократите, додавајќи дека „премиерот и владејачката партија не сакаат ЕУ туку сакаат да крадат на тендери без надзор“.
„Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“, стои во јавната објава на Филипче.
На конференцијата „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“, што се одржува во Скопје, премиерот Мицкоски истакна дека Македонија во процесот на евроинтеграција е жртва на класичен булинг.
-Македонија е жртва на класичен булинг од земји-членки кои одвнатре го уценуваат нејзиното интегрирање во ЕУ. И тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку според тоа дали ќе го смениме Уставот, името, знамето, банкнотите и така натаму, кажа премиерот.
Тој додаде дека европската интеграција на земјава е единствен случај во Европа, бидејќи процесот не се темели на мерит-базиран пристап, туку на билатерални прашања, што го нарушува кредибилитетот на Унијата.