„Во моментов на СДСМ му се потребни длабоки, темелни и истрајни промени. Промени што ќе значат реформа и реорганизација на партијата, нешто што беше дел и од моите програмски ветувања и што ќе ја доведат партијата повторно на победничките патеки. Но, овие промени нема да бидат ниту брзи ниту лесни“. Ова го истакна д-р Венко Филипче кој синоќа беше избран за нов претседател на СДСМ.
„Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат и нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и пред се истрајни, за да може полека но сигурно да ги освојуваме срцата на граѓаните. Ако успееме во ова, силно верувам дека СДСМ ќе се врати уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок“, рече Филипче во своето обраќање.
Тој потенцираше дека во водењето на партијата ќе се води од неговите животни принципи професионализам, заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација.
„Сакам ова заедништво да нè краси во годините што следат, пред нас. Сега е време да ги оставиме личните интереси, сега е време да се залагаме и да носиме одлуки за општото добро. Нашите предци ни овозможиле да живееме во слобода и мир, во сопствена држава, наше е да обезбедиме сигурна иднина за нашите млади, за идните генерации за идните поколенија. Без силна СДСМ тоа нема да биде можно“, истакна Филипче.