Во рамки на Меѓународната конференција за демократија и социјална правда, организирана од Институтот „Алексис Ципрас“, во Атина, Грција, лидерот на СДСМ, Венко Филипче остварил средба со претседателот на СИРИЗА, Сократис Фамелос.
Како што информира Филипче, на средбата ја истакнале важноста на Преспанскиот договор како јасен показател дека прашањата меѓу државите можат да се решаваат преку дијалог – без притисоци, без поделби и без конфликти.
-Разговаравме и за заедничките предизвици со кои се соочуваат социјалдемократските и левичарски партии, за подемот на авторитаризмот, потребата од враќање на социјалдемократските политики, особено оние насочени кон поддршка на работниците. Ја нагласивме потребата од нова енергија, солидарност и поголемо единство меѓу прогресивните сили, како и важноста од размена на искуства меѓу сестринските партии, сподели претседателот на СДСМ.
Тој информира дека воедно се согласиле и дека е неопходно да ја вратат довербата кај нивните традиционални гласачи, особено кај работниците и да покажат дека токму демократијата, еднаквоста и социјалната правда се патот кон вистински напредок за двете општества.