Филипче: СДСМ е конструктивна, а не контролирана опозиција

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција истакна дека партијата дејствува како конструктивна опозиција која активно предлага решенија од јавен интерес, но дека тие во континуитет биле одбивани од власта.

од desk4
11 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Филипче нагласи дека СДСМ поддржала и предложила низа реформски закони, меѓу кои и законски решенија за зголемување на минималната плата, повисоки примања во приватниот сектор, како и мерки за намалување на цените на храната и електричната енергија, но, како што рече, сите тие иницијативи биле одбиени од Владата.

Тој додаде дека СДСМ била конструктивна и во Собранието, особено во однос на прашања од јавен интерес, вклучително и анкетната комисија поврзана со трагедијата во Кочани, која, според него, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ целосно ја блокирала, поради што таа не се спроведува.

Филипче се осврна и на, како што го нарече, проектот „мигранти за пари“, нагласувајќи дека СДСМ понудила резолуција што сакала заеднички да ја поднесе во Собранието, со цел зајакнување на безбедноста на граѓаните. Наместо тоа, според него, владејачката коалиција донела декрет кој сериозно ја ограничува слободата на говор.

Тој истакна дека СДСМ има конструктивен пристап и кон безбедносниот сообраќаен проект „Safe City“, започнат за време на претходната влада на СДСМ, со цел да се воспостават јасни механизми за заштита и контрола на големата количина податоци што системот ќе ги обработува, но дека за тие прашања од Владата нема разбирање.

Во врска со обвинувањата дека СДСМ не била конструктивна поради одбивањето да учествува на средба со владејачката коалиција околу укинување на изборни механизми, Филипче рече дека таквото учество би значело легитимирање на, како што ја нарече, организирана криминална структура. Тој посочи дека т.н. „контролирана опозиција“ присуствувала на таа средба, но без конкретен резултат, бидејќи, според него, целта не била постигнување договор, туку давање политички легитимитет на власта.

„Конструктивност не значи соучество во криминал и корупција, и тоа е линијата што СДСМ нема да ја премине“, порача Филипче.