Откако денеска на социјалната мрежа „X“ се појавија слики од лидерот на СДСМ, Венко Филипче на аеродромот во Венеција, Италија, се огласија од неговата партија. Ја обвинија власта дека го следи Филипче „со истите методи како во времето на екс-премиерот Никола Груевски“.
„Денеска беше објавена фотографија од претседателот Венко Филипче од аеродром. Покрај обидот за јавен линч, денеска практично признаа и дека вршат притисок преку следење. Ова е многу добро познатата школа на Никола Груевски, кога сите безбедносни служби беа ставени во функција на следење на опозицијата.
Освен што следат, неодамна објавивме и дека се прислушуваат телефони. Повторно се враќаме во мракот. Повторно го живееме истиот период како до 2016 година. Истите методи: следење, измислување вести, лажни афери, и сето тоа со една цел – ДЕФОКУС. Не сакаат луѓето да бидат информирани за „мигранти за пари“, за криминалот и корупцијата што ја спроведуваат пред очите на сите, туку пласираат вакви сензационалистички приказни“, порачаа од СДСМ.
Оттаму појаснуваат дека Филипче патува со редовна комерцијална авиолинија и дека не оди во Дубаи.
„Тој не е во можност, како Мицкоски и неговиот криминален клан, да го користи авионот на Владата за приватни потреби, ниту пак нарачува приватни авиони како нив.
Луксузирањето на Мицкоски е исто како она на Груевски. Граѓаните се сеќаваат на тоа што го правеше Груевски кога патуваше со министрите на ексклузивни летувалишта, носејќи очила од 60.000 евра. Тогаш со парите на граѓаните се закупуваа цели катови од хотели во најелитните туристички дестинации. Многумина се сеќаваат и на сè што слушавме за тоа како изгледале тие забави, стои, меѓу другото, во соопштението на СДСМ, при што упатуваат обвинувања кон најголемата владејачка партија.
„Кога ќе ги погледнете вестите што ги објавува ВМРО, понекогаш човек ќе помисли дека станува збор за туристичка агенција. Толку многу се спомнуваат туристички дестинации како Дубаи, Венеција и, секако, прочуените визи. Сега, кога и приватниот авион е тука, ја имаат целата понуда“, потенцираат од СДСМ.