Претседателот на СДСЈ, Венко Филипче оценува дека централниот буџет, така како што е конструиран, не е социјален, нема развојна компонента и нема капацитет континуирано да го сервисира продлабочениот дефицит во Фондот за пензиско осигурување. Тоа, како што кажа Филипче, ја става во ризик исплатата на пензиите.
„Се поставува прашањето, вака конструиран буџет којшто не е ниту социјален, ниту ги задоволува потребите на загрозените категории на граѓани, ниту пак може да пресретне криза, ниту е развоен, затоа што има многу мала сума на пари за капитални инвестиции, што ќе се случи ако има некаква криза и тие пари не можат да стигнат до пензионерите? Нема да има исплата на пензии. Тоа ќе се случи и тоа е тоа на што ние предупредуваме“, рече Филипче.
Тој додаде дека владата на ВМРО-ДПМНЕ со линеарното зголемување на пензиите направи упад во Фондот за ПИОМ-буџетската дупка се зголеми, а пензионерите добија помало покачување од тоа што требаше да го добијат со методологијата.
„Ова зголемување на пензиите е помало од тоа што требаше да биде ако ја задржеа методологијата за раст на пензиите, која што беше врзана со инфлацијата, со растот на трошоците за живот и со растот на просечната плата. Значи сега пензионерите наместо 1.000 денари ќе добиеја помеѓу 1.200-1.300 и 3.200-3.300 денари зголемување“, рече Филипче.
Во интервјуто за емисијата „Директно“ на Телма Тв, Филипче потсети дека владата на СДСМ во 2017 година го затекна Фондот за ПИОМ со дефицит од 50%, за во 2024 година, пред изборите, таа дупка да се намали на 30%.