Филипче ветува нова генерација во СДСМ, но дали старата ќе се повлече?

Губењето на Скопје уште во првиот круг само ја зацврсти перцепцијата дека реформите во партијата се задоцнети, а кадровската политика се претворила во затворен круг на партиски интереси, наместо во систем на вредности и компетенции.

од Vladimir Zorba
262 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Венко Филипче

Поразот на СДСМ на локалните избори, кој се одрази со губење на нејзините најсилни упоришта Струмица и Скопје уште во првиот круг, предизвика внатрешен земјотрес во партијата и сериозно преиспитување на нејзиниот идентитет, лидерство и насока.

Истовремено, победата на ВМРО-ДПМНЕ, која според повеќето аналитичари претставува најголем подем на партијата во последната деценија, може да стане и нејзин најголем тест.

Зашто, колку е повисок политичкиот врв, толку е пострмен падот што следува.

Фото: СДСМ

Криза на идентитет и потреба од прочистување

Во СДСМ владее свест дека ова не е обичен изборен пораз, туку сигнал за длабока ерозија на довербата кај граѓаните.

Струмица, која со години беше симбол на партиска стабилност и база на поддршка, падна.

Губењето на Скопје уште во првиот круг само ја зацврсти перцепцијата дека реформите во партијата се задоцнети, а кадровската политика се претворила во затворен круг на партиски интереси, наместо во систем на вредности и компетенции.

Најавата на Венко Филипче за „чистка“ и темелна кадровска реконструкција во СДСМ се чита како обид за рестарт на системот, но прашањето е дали партијата има капацитет тоа да го направи без внатрешни отпори?!

Економските аналитичари кои ја следат политичката сцена предупредуваат дека СДСМ мора да понуди нова визија која ќе биде социјалдемократска по суштина.

Во спротивно, велат тие, ќе остане партија што живее од сопственото минато и од некогашната заслуга за евроинтеграции, без реален контакт со социјалните проблеми на граѓаните.

Според нив, партијата мора да се врати кон економската агенда и прашањата што ги засегаат реално граѓаните, како: стандардот, платите, јавните услуги, а не да се занимава само со кадровски битки и со внатрешни лојалности.

Иако во јавноста се зборува за „нова генерација“ што ќе ја преземе контролата, клучното прашање останува исто: дали СДСМ ќе има храброст да се откаже од старите модели на функционирање, клиентелизмот и од компромисите што ја доведоа во оваа состојба?!

Единствените што досега поднесоа оставки се потпретседателката на СДСМ, Ана Чупевска, претседателот на Градската организација на СДСМ Ѓорѓи Галетановски Чомбе, како и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров и претседател на општинската организација на партијата, Костадин Ацевски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во изјава за „Локално“ вели дека СДСМ е минорна партија и повеќе никогаш нема да се врати со ниво и со влијание како порано.

– СДСМ ќе биде како ДС во соседна Србија и ова го имам изјавено уште пред 5 години, а дури сега се случува. Истовремено, зборот „одговорност“ во македонскиот речник како да не постои, па затоа и не верувам дека Филипче ќе си замине од кормилото на потонатиот брод иако веќе требаше да биде минато – објаснува Пекевски.

Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ќе почне да паѓа

Победата на ВМРО-ДПМНЕ е несомнена и историска. Но токму таа е и најголемата замка.

Според Пекевски, партијата веќе го достигна политичкиот зенит, има поддршка каква што не уживала со години, но тоа создава и ризик од ароганција и самоувереност.

– Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, веќе имам кажано дека сега го достигнаа зенитот и 300.000 гласови веќе нема да имаат никогаш. Кога Христијан Мицкоски формираше влада, јас кажав дека ако не се опкружи со експерти брзо ќе почне да прави големи грешки, што и се случи.  Се покажа дека најбитни се партиските војници, а не квалитетот. Парите земени како кредити и заеми се јадат брзо, а ние не продуцираме ништо. Во превод, нема веќе енергија како порано, луѓето сакаат пари, а не празни зборови. Светла иднина секако не гледам, во наредните 4 години ќе има сериозни поместувања на нашата политичка сцена – порача Пекевски.

Веќе се појавуваат првични сигнали на грешки: недоволна координација во дел од општините, несинхронизирана комуникација меѓу централното и локалното ниво, па дури и тензии меѓу старите и новите кадри.

Аналитичарите предупредуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, ако сака да ја задржи моменталната еуфорија, мора брзо да премине од изборна реторика во прагматична политика.

Најавените реформи и проекти ќе треба да бидат видливи, конкретни и мерливи, бидејќи довербата на гласачите во Македонија никогаш не трае долго ако не се поддржи со резултати. Првиот тест за партијата ќе биде справувањето со растечките економски предизвици, цените на храната, пазарот на трудот, јавниот долг и социјалните нееднаквости.

Како што забележуваат експертите, ВМРО-ДПМНЕ сега го има она што СДСМ го изгуби: политичка моќ и очекувања.

Но, историјата покажува дека во македонската политика тие две работи многу ретко траат подолго од еден изборен циклус.

Б.Т.