Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека претстојниот Викенд без ДДВ нема да претставува ризик за ширење на коронавирусот, бидејќи има протоколи и се знае по колку лица можат да влезат на затворено, а дополнително на тоа е задолжителното носење маска и држењето дистанца.
-Во таа смисла и групирањето или потенцијални поголеми групи за време викендот што е пред нас, сметам дека не е ризик бидејќи секаде има протоколи. Никаде нема да се пропуштаат да влезат голема концентрација на луѓе. Секаде ќе бидат задолжителни маските. Впрочем на затворено и сега се задолжителни, а таму каде што се носат маски и каде што се држи дистанца едноставно нема ризик од трансмисија на вирусот, изјави Филипче.
И во Европа и во светот, вели тој, се препорачуваат овој тип мерки со маските и со дистанцата, што може да не штити да ја пребродиме зимата и да не ги загрозиме болничките капацитети, што е еден од најглавните параметри што сега се следи.
-На почетокот на кризата главниот ризик беше за увоз на вирусот, а сега локалната трансмисија е најголем проблем. Тоа преминување преку границите не претставува значаен ризик. И во нашата анализа многу мал процент, до 3 проценти се луѓе кои патувале, и кај нив не е сигурен податокот дека се заразиле надвор. Во таа смисла сметаме дека транзит преку границите не е ризик. Секаде е слична или иста епидемиолошката слика и секаде важат мерките. И дека пропишаните мерки не се почитуваат, рече министерот за здравство.