Филипче: Владата на ВМРО-ДПМНЕ има пад од близу 100 илјади гласови за само една година

Ако не застанеме заедно, ќе бидеме тешка периферија на Европа и под руско влијание - кажа Филипче од Радовиш

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: СДСМ

После четири години од мандатите на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, општините се запуштени, граѓаните разочарани – посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на средба со граѓани во Радовиш. На средбата се разговараше за работата на локалната власт во изминатите четири години и за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.

„Во Радовиш прошетав на плоштадот – страшно и жално е колку еден среден град, каков што беше порано, сега е запуштен и задушен во смет. Инфраструктурата, улиците, чистотата – тоа се клучните индикатори колку градската власт се грижи за граѓаните и за градот. Тука во Радовиш, како и во многу други општини каде ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници, гледаме целосна негрижа, неспособност и отсуство на визија“, рече Филипче.

Тој нагласи дека колку и да се обидува власта да ја убеди јавноста дека во државата се живее добро, дека општините се развиваат, реалноста на терен е поинаква – граѓаните гледаат и чувствуваат на свој грб дека со оваа власт не се заштитени и живеат полошо од претходно.

„Граѓаните се разочарани и знаат да казнуваат. ВМРО-ДПМНЕ имаат страшен пад во гласовите на анкетите. За само една година, нова влада која што дојде на власт со толкаво мнозинство на гласови да има таков пад – близу 100.000 гласа, тоа значи дека граѓаните знаат, не можеш да ги прелажеш“, порача претседателот на СДСМ.

Филипче потенцираше дека државата мора да се врати на вистинскиот пат и дека СДСМ е подготвен да го предводи тој процес со одговорна и транспарентна политика.

„Ако ние не се обединиме, ако не застанеме заедно, како што стоиме тука во Радовиш, државата нема да ја биде. Ќе бидеме тешка периферија на Европа, ќе бидеме под руско влијание и само ќе не задолжуваат, а парите ќе ги враќаат следните генерации“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Слични содржини