Филипче: Во Законот за Кочани ги вклучивме и семејствата од другите трагедии – да не речат дека бегаме од Тетово, Беса транс, Ласкарци…

од Nikola Popovski
16 прегледи

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче повторно порача дека Предлог-законот за семејствата на настраданите од кочанската трагедија е директен одговор на реалните потреби на семејствата на настраданите и повредените во трагедијата. Тој повторно го повика ВМРО-ДПМНЕ заедно да го изгласаат законот во Собранието.

„Дадовме предлог Закон за помош на настраданите во Кочани. Тие луѓе имаат вистинска мака. Луѓето што ги сретнавме во Кочани имаат потреби и тоа воопшто не е лесно“, истакна Филипче.

Тој посочи дека трошоците со кои се соочуваат погодените семејства се значителни и вклучуваат медицински третмани, рехабилитација и психолошка поддршка.

„Имаат трошоци за лекување, за рехабилитација, потребна им е психолошка поддршка. И ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува законот. Зошто? Затоа што бил противуставен. Подготвени се да измислат секаков изговор и во ваква ситуација“, рече тој.

Филипче потенцира дека во законското решение се опфатени и семејствата погодени од други трагедии, со цел никој да не биде изоставен.

„Во законот ги вклучивме и семејствата од другите трагедии. Да не речат дека бегаме од Тетово, Беса транс, Ласкарци. Но, ВМРО-ДПМНЕ не сака да разговара на ниту една тема – сѐ одбиваат. Повторно го повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го донесеме заедно законот за Кочани“, изјави претседателот на СДСМ.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, попладнево е со членовите и граѓаните на Желино, Брвеница и Гостивар.

Слични содржини