Филипче за докторот разрешен поради шмркање кокаин: Лекарската комора да провери дали во една таква состојба воопшто може да лекува пациенти

Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, синоќа соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури

од Vladimir Zorba
7 прегледи Фото: Принтскрин

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче смета дека Лекарската комора треба да реагира и да направи проценка дали доктор во состојба во која беше фатен директорот на Клиниката за неврологија Игор Кузмановски може да лекува пациенти. Според Филипче, добро е што Кузмановски е веднаш разрешен, но очекува реакција и од Лекарската комора.

– Сметам дека е добро што е разрешен веднаш и многу брзо. И во исто време сметам дека треба да реагира Лекарската комора во однос на тоа да се направи проценка дали и колку време наназад се случувало тоа, односно дали во една таква состојба доктор воопшто може да лекува пациенти. Тоа е многу сериозно прашање. Можеби во прашање биле доведени животи на некои негови пациенти доколку бил во некаква таква состојба, сега да не прејудицираме. Но, ова работа заслужува сериозна анализа и проверка од страна на Комората, нагласи Филипче.

Прашан дали е потребна кривична одговорност за Кузмановски, Филипче истакна дека не би сакал да навлегува во тој дел и оти за тоа ќе кажат институциите кои се занимаваат со тоа.

Откако беше објавено видеото, министерот за здравство Азир Алиу вчера соопшти дека донел решение за разрешување на д-р Кузмановски од директорската функција. Кузмановски синоќа преку „Фејсбук“ упати извинување и искажа каење за своите постапки.

– Во врска со објавите на социјалните мрежи изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето превземање на менаџирање на Клиниката за неврологија. Тоа е постапка со која не се гордеам и сметам дека е момент на моја слабост која не смее да биде пример. Секој човек во животот се соочил со слабости, предизвици и грешки. После ова знам дека оваа грешка нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови. Се повлекувам од функцијата директор на клинката задоволен со многуте резултати кои заедно ги постигнавме со мојот тим за краток период. Се извинувам на сите кои ги разочарав, и ќе продолжам да работам како доктор, она што највеќе го знам, сакам и живеам, да спасувам животи, помагам и работам за доброто на заедницата, напиша Кузмановски.

Од ВМРО-ДПМНЕ, чијшто кадар е Кузмановски, синоќа соопштија дека ја поддржуваат одлуката директорот на Клиниката за неврологија да биде разрешен, и бараат институциите да постапат во согласност со законот и утврдените процедури.

Слични содржини