Филипче за нападот врз лекарот од Тосикологија: Насилството не е решение, институциите да го истражат случајот

од Vladimir Zorba

Министерот за здравство, Венко Филипче вечерва го осуди насилството врз негов колега од Клиниката за токсикологија во Скопје, откако на социјалната мрежа Фејсбук сподели дека за насилство нема оправдување и ги повика институциите соодветно да го санкционираат сторителот.

„Денеска физички беше нападнат колега, лекар на Клиниката за токсикологија. Најостро го осудувам овој чин, нема оправдување за насилство. За жал, ова не е прв ваков инцидент, лекарите често се изложени на вербални и физички напади. Да не заборавиме дека овие луѓе се грижат за нашите блиски и спасуваат човечки животи. Насилството не е решение и не смее да биде. Ги повикувам институциите целосно да го истражат случајот и соодветно да санкционираат“, реагираше Филипче.

На Клиниката за токсикологија денеска попладне бил нападнат лекар, кој се здобил со повреда на окото, неколку хематоми и расекотини.

Тој подоцна добил помош во Ургентниот центар и бил пуштен дома.

Според информациите, лекарот бил нападнат од родител на малолетно дете, кое одбил да го прегледа, откако го упатил на педијатрија.

Случајот е пријавен во полиција која веднаш излегла на местото на нападот. Преземени се мерки откако родителот е пронајден и идентификуван. Против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Слични содржини