Филипче за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ: Дали помислуваат на оние луѓе кои изгубија семејства во тетовската модуларна болница?

-Излегоа обвинувања за Дубаи, Харис Џиновиќ, па авиони сум имал, ме поистоветија дека сум убиец на деца, па дека сум се дрогирал...Што се нема да измислат, кажа претседателот на СДСМ

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вели дека не престануваат обвинувањата и лагите од власта насочени кон него. Обвинува за контролирана медиумска мрежа блиска до власта. Според него, има медиуми кои создаваат анти-европски наративи и кои што подгреваат национализам.

-Излегоа обвинувања за Дубаи, Харис Џиновиќ, па авиони сум имал, ме поистоветија дека сум убиец на деца, па дека сум се дрогирал…Што се нема да измислат. Ја спомнуваат модуларната болница во Тетово. Дали мислат на оние луѓе кои што изгубија семејства таму? Дали на тие луѓе помислуваат? Не ме чуди овој систем на медиумска хајка кој што го водат затоа што овој систем е воден од луѓе кои додека седат во Собранието, им се потсметуваат на родителите чии деца загинаа во Кочани, кажа Филипче денеска на прес-конференција.

За обвинувањата од поранешната обвинителка Лејла Кадриу која беше дел од згасното СЈО, лидерот на СДСМ вели дека екс-обвинителката била суспендирана уште пред да се случи пожарот во тетовската модуларна болница.

-Би прашал дали би го земале за релевантно, ако помеѓу сите работи кои што ги изнесе на таа емисија, кажа дека Груевски бил во право кога викал дека снимките се сечени и лепени. Тоа е концептот – лажни обвинувања и лажна црна кампања, додаде претседателот на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди. Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра. Оттаму бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница.