Филков до ДУИ: Национал-романтичарските теми се битни за политичари од минатиот век

-Ние работиме цврсто и решително на стабилност, просперитет и владеење на право, вели министерот за правда

од Nikola Popovski
13 прегледи

Откако поради оневозможувањето полагање на правосудниот испит на албански јазик, ДУИ побара кривична одговорност за министерот за правда, самиот Филков денеска се огласи и порача дека „национал-романтичарските теми се битни за политичари од минатиот век“.

-Ние работиме цврсто и решително на стабилност и просперитет и владеење на право – теми што ги засегаат сите граѓани. Се останато ќе биде оставено на тажната страна на историјата, рече Филков во изјава за медиумите.

Одговарајќи на новинарски прашања за судирот помеѓу вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали и министерот за правда во врска со ова прашање, премиерот вчера повикувајќи се на амандманот V oд Уставот, рече дека правосудниот испит може да се полага и на албански јазик, но претходно тоа треба да биде утврдено со закон. Актуелниот закон, како што кажа Мицкоски, не го дозволува тоа.

Претходно Филков возврати преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека времето на политички толкувања на Уставот и законите заврши по заминувањето на коалицијата СДСМ–ДУИ од власт.

Синоќа еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, во емисијата „Клик Плус“ изјави дека Филков, би можел да биде еден од министрите кој ќе биде опфатен со реконструкцијата на Владата.