Филков: Мерките за штедење треба да ги применуваат сите институции, не само оние под директни ингеренции на Владата

од Берта Китинска

За Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации проектираната сума од околу 90 милиони евра која треба да се заштеди со мерките на Владата не е голема, но е значајна во услови на намалени приходи.

Тука според него институциите не треба да застанат, туку треба да размислуваат и за поголеми намалувања од овие 10%. “ Многу е важно како ќе се потрошат останатите – повеќе од една милијарда евра кои институциите се очекува да ги потрошат во текот на оваа година’’, вели Филков за “Локално”.

Заштедите во однос на намалувањето на бројот на советници во Центарот за граѓански комуникации ги анализираат во рамки на поинаков контекст.

”Тука секако не станува збор само за парите што ќе се заштедат од намалениот број советници, туку ако се ангажираат професионални луѓе, кои ќе одговорат на задачите заради кои се ангажирани и кога државата ќе има корист од тоа – тогаш и ефектите ќе бидат поголеми од парите што вкупно ќе се потрошат за тоа’’, заклучува Филков.

Дали очекувате дека повиканите институции навистина ќе ги намалат непотребните трошења или сето ова ќе има краток здив?

Мислам дека почетно ќе има институции кои ќе се придржуваат кон мерката, особено оние кои се под директни ингеренции на Владата, пред сѐ мислам на министерствата. Ќе биде важно кон мерката да се придржуваат и јавните претпријатија, особено оние големите, но и институциите кои не се под ингеренции на Владата, а на кои, исто така, им е препорачано да штедат. Овде спаѓаат општините и локалните јавни претпријатија, но и независните тела, итн. Покрај ова, многу е важно рационално да се трошат сите пари со кои располагаат државните институции и не само сега во услови на продлабочена криза, туку постојано. Македонија е сиромашна земја, со ограничени финансии, земја која постојано позајмува пари од странство, така што мерките за штедење и рационално користење на јавните пари мора да се главна премиса во секое време и за секоја институција.

Колку пари според вас ќе се заштедат на ваков начин? Ќе имаат ли вака дизајнираните мерки некаков ефект на буџетот?

Мислам дека овие пресметки треба да ги има Владата и министерството кое ги предложила мерките. Но, еве една груба математика. Владата ги задолжува институциите да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 %. Само лани, сите државни институции, за стоки и услуги (без работи) потрошиле околу 900 милиони евра. Ова значи дека со меркава расходите треба да се намалат за околу 90 милиони евра. Тоа, ако го погледнете целиот буџет, не е голема сума, но сепак може да биде значајна во услови на намалени приходи (поради намалени даноци и акцизи) во буџетот. Но, институциите секако дека треба да размислуваат и за поголеми намалувања од овие препорачани 10 %. Од друга страна, пак, многу е важно како ќе се потрошат останатите – повеќе од една милијарда евра кои институциите се очекува да ги потрошат во текот на оваа година.

Дополнително, премиерот најави дека ќе го намали бројот на советници од 50 колку што имаше Заев на 12-13 луѓе. Како го коментирате ваквиот потег?

Прво треба да ја видиме оваа најава на дело, а потоа да ја коментираме. Истовремено со намалувањето на бројот на советниците, многу е важна транспарентноста и отчетноста на целата постапка за ангажирање на овие советници. Кој, зошто и заради што е ангажиран? Само така ангажирањето на советници, кое верувам дека е потребно, нема да биде предмет на постојани критики и ризици од злоупотреби и корупција.

Дали имате анализи колку пари досега се трошеле на советниците односно колкави ке бидат сега заштедите?

И за ова треба да се произнесе Владата, но заштедите овде секако не се само во парите што ќе се заштедат од намалениот број советници, туку ако се ангажираат професионални луѓе, кои ќе одговорат на задачите заради кои се ангажирани и кога државата ќе има корист од тоа – тогаш и ефектите ќе бидат поголеми од едноставното намалување на бројот на советници и парите што вкупно ќе се потрошат за тоа.

K.В.С.

Слични содржини