Филм на „L’Equipe“ открива дека Сала не сакал да оди во Кардиф

од Vladimir Zorba
101 прегледи

Емилијано Сала во аудио-порака на WhatsApp му открил на пријател дека не сакал да оди во Кардиф.

Аргентинскиот фудбалер почина во јануари, кога приватен авион, кој го превезуваше до Велс, се урна во Англискиот канал – 24 часа, откако тој го оствари 15 милионскиот трансфер од Нант во Кардиф.

Се уште трае истрагата за случајот, но документарен филм на „L’Equipe“ по француската телевизија откри разговор меѓу аргентинскиот напаѓач и негов пријател на 6 јануари, во кој тој го критикува сопственикот на Нант, Валдемар Кита и забележува дека нема особено желба да премине во Кардиф.

„Минатата ноќ, испратив порака до Меиса (Н’диаје, агентот на Сала), и тој ми се јави неколку часа подоцна“, започнува Сала.

„Ние разговаравме и тој ми рече дека минатата ноќ Франк Кита (синот на сопственикот Валдемар) му испратил порака, за да разговараат, затоа тој се јавил. Тие зборувале. И, сакале да ме продадат. И ете понуда од Кардиф. Од нивна страна, тие преговарале да земат многу пари од трансферот. Значи секако сакаат да си одам. Точно е дека договорот е добар, но од чисто фудбалска гледна точка не е интересен за мене. Па … ете, тие на било кој начин сакаат да ме испратат таму. Не се плашам да одам таму, бидејќи се борев доволно за време на мојата кариера, па затоа не ми пречи.

Но, од друга страна, си велам дека Меиса мора да најде подобра опција за мене меѓу овој момент и крајот на сезоната. Меиса рече „не“ на Кардиф, затоа што не сака да одам таму. Тој смета дека во однос на фудбалот, во однос на тоа каде се наоѓаме во моментот сме во силна позиција во однос на договорот и се останато.

Но, не ме интересира и не сакам да одам таму. Не ми е гајле во колку силна позиција сум. Точно е дека би сакал да најдам нешто интересно како во однос на договорот, така и од фудбалска гледна точка, но понекогаш не може да ги имаш и двете“, продолжува тој.

„Од друга страна, не сакам да зборувам со Кита, затоа што не сакам да се нервирам. Тој е човек, кој ми е одвратен кога се соочувам со него лице во лице. Тој сака да ме продаде денес во Кардиф бидејќи завршил суперпреговори и ќе ги добие парите, нели? Тој сака да одам таму, дури не ме прашуваат што сакам како играч. Сè што го интересира е парите. Значи денес сме во слична ситуација – комплетен хаос. Значи, овде … не знам.

Не знам што да направам, бидејќи треба секој ден да се исправам лице в лице со овој човек … но никој не погледнува кон мене и не знае низ што поминувам јас самиот секојдневно. Па затоа е многу, многу тешко, бидејќи сметам дека едвај има многу луѓе кои би можеле да се стават во моја положба“, завршува во пораката Емилијано Сала.