Филмот „Мајка“ на Теона Стругар – Митевска со светска премиера во Венеција

од desk2
4 прегледи

Долгометражниот филм за Мајка Тереза, со Номи Рапас во главната улога, ја отвори програмата „Хоризонти“ на 81. Венециски филмски фестивал

Со долг аплауз и стоечки овации, најновиот филм на режисерката Теона Стругар Митевска, „Мајка“, имаше светска премиера на 81. Венециски филмски фестивал, отворајќи ја селекцијата „Хоризонти“, соопшти Агенцијата за филм.

Филмот ја раскажува интимната приказна за младата Тереза во Калкута, во 1948 година, кога таа чека одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Главната улога ја толкува Номи Рапас, која ја претставува идната Мајка Тереза како сложена, човечна и противречна личност со амбиција, сомнежи и жед за слобода.

Во актерската екипа настапуваат и Никола Ристановски, Силивија Хукс, Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска, а сценариото е потпишано од Гоце Смилевски, Теона Стругар – Митевска и Елма Татарaгиќ. Директор на фотографија е наградуваната белгиска авторка Виржини Сен-Мартин.

Првите критики го оценија „Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Режисерката истакна дека филмот не е класична биографија, туку обид да се прикаже Мајка Тереза како повеќеслојна личност, без идеализации, со автентична сила и противречности.

„Во таа смисла, „Мајка“ е филм за слободата и за храброста на една жена да биде различна, и покрај сите ограничувања на своето време“, рече Митевска.

Филмот веќе е продаден за кино-дистрибуција во повеќе од 15 европски земји, меѓу кои Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска и Белгија.

Кино-прикажувањето низ Европа ќе започне на 3 декември 2025 година.

По премиерата во Венеција, „Мајка“ продолжува со фестивалско патување во Европа и светот, а за македонската публика ќе биде прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, од 20 до 26 септември.

„Со оваа премиера, македонската кинематографија уште еднаш направи голем исчекор на светската сцена,“ изјави директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, потенцирајќи дека успехот отвора врати за новите генерации филмски автори.

„Мајка“ е копродукција на Северна Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина, во продукција на Лабина Митевска и Себастиен Делое, со извршни продуценти Номи Рапас и Силвија Хукс. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Шведскиот филмски институт, Данскиот филмски институт, Центарот за кино на Федерацијата Валонија-Брисел и повеќе европски фондови.

Слични содржини