Филмот „Приказната за Силјан“ на Котевска откупен за прикажување од National geographic

Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National Geographic и Disney+

од Бисера Трајковска
12 прегледи

Светскиот дистрибутер на документарни остварувања, National geographic го откупи македонскиот филм „Приказната за Силјан“, на режисерката Тамара Котевска. Филмот годинава ќе е македонски кандидат за Оскар и ќе биде дел од документарното натпреварување. Филмот
годинава ја доби „Наградата на Музата“ за најинспиративен филм на Биеналето во Венеција, предизвика овации на преполните проекции во
Торонто, а стана и македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

Откупот од National Geographic Documentary Films значи дека „Приказната за Силјан“ станува дел од глобалниот каталог на еден од најреномираните дистрибутери на документарни филмови во светот. Тоа му овозможува на филмот да стигне до публика во над 170 земји преку каналите на National Geographic и Disney+ со силна маркетинг и фестивалска поддршка.

Паралелно со договорот со National Geographic, дел од правата за „Приказната за Силјан“ ги превзема британскиот Dogwoof, чиј каталог вклучува повеќекратни добитници на „Оскар“ и „Бафта“. Dogwoof ќе биде задолжен за дистрибуцијата на филмот во Австралија, Јапонија и Полска.

-За мене, ова е апсолутно најголемо животно достигнување, бидејќи една од причините зошто сум документарист е поради National geographic, посочи на прес-конференција режисерката Котевска.

Истовремено, Здружението на филмски работници на Македонија официјално го предложи филмот како годинашен македонски кандидат за
наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

Приказната за Силјан

„Приказната за Силјан“ имаше светска премиера на на 29 август, вон конкуренција за награди во официјалната селекција на 82. Венециски фестивал. 

Филмот ја доби независната паралелна награда „Филм и уметност“ (Cinema and Arts Award) за најдобар филм, една од 42-те различни паралелни награди кои ги доделуваат организации кои не се поврзани со Венецискиот фестивал.

За нив одлучува независно жири, а се квалификуваат филмови кои играат во официјалните програми на Венеција, без оглед дали се во или вон конкуренцијата за награди.

-После светската премиера во Венеција, во категорија вон конкуренција, во која што учествуваа други реномирани автори, бевме пријатно изненадени од наградата што ја добивме. Наградата е тука. Тоа е награда за најинспиративен филм на фестивалот. Во меѓувреме, ни јавија дека сме едногласно изгласани да бидеме официјален кандидат кој ќе ја претставува земјата годинава за Оскари и после неколку дена ја добивме веста дека филмот официјално е купен од National geographic, рече Котевска.

Таа додаде дека токму ова достигнување е најголемата потврда што може да ја добие еден документарист, особено оној којшто се занимава со соодносот меѓу човек и природа.

-Буквално како мала седев пред трафика и чекав да отвори, за да купам списание National geographic, кое што излегуваше еднаш месечно, и сонував да бидам дел од тие авантури, да можам тоа да го работам еден ден. Тоа ми беше најголемата мотивација, меѓутоа исто така многу недостижно. Што и да правиш, не можеш да стигнеш до National geographic, рече Котевска.

Котевска информираше дека оваа година National geographic го купи и филмот на Херц, кој беше во истата категорија, вон конкуренција, но нашиот го избраа како кандидат за Оскар.

Монтажерот Мартин Иванов на прес-конференцијата подвлече дека секогаш се обидуваат да ја раскажат приказната најдобро што можат и таа да биде што поуниверзална и почовечка.

-Се ова што се случуваше со „Силјан“ пријатно не изненади. Јас додека работев, не мислев на овие фестивалски работи и сега се ни е како добредојдено, порача Иванов.

„Приказната за Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17 век. Филмот ја следи судбината на земјоделецот Никола и неговата неочекувана врска со бел штрк со повредено крило – метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж.

Б.Т.