„FinCEN“ документи: Протекување на информации открива сомнителни активности на СВЕТСКИТЕ БАНКИ

од Vladimir Zorba

Најголемата британска банка ХСБЦ им овозможила на измамниците да пренесат милиони долари низ целиот свет, покажуваат најновите тајни досиеја. Улогата на оваа банка во измамата од 80 милиони американски долари беше детализирана во протечени документи – „извештај за сомнителни активности“ на банки – кои беа наречени „FinCEN“ документи, пренесе Би-Би-Си.

Протекувањето на тајни документи открива дека и други светски банки како „Џеј Пи Морган“, „Стандард чартердер“, „Дојче банк“ и „Њујорк Мелон“ продолжиле да вршат трансакции со криминалци, олигарси и корумпирани политичари, иако американските власти претходно ги казнуваа затоа што не запреле проток на валкани пари.

Документите покажуваат дека измамата за инвестиции, позната како „Понзи шема“, започнала кратко откако банката во САД е казнета со 1,9 милијарди долари (1,4 милијарди фунти) за перење пари.

Адвокатите на измамените инвеститори велат дека банката требало да постапи пред да ја затвори сметката на измамените.

Истекувањето на доверливи документи вклучува и други откритија – како што е сугестијата дека една од најголемите банки во Соединетите Американски Држави можеби помогнала на познат мафијаш да пренесе повеќе од милијарда долари.

Што се „FinCEN“ документите?

„FinCEN“ документите содржат 2.567 фајлови кои откриваат трансакции со пари за кои банките изразија сомневање за перење пари или некое друго кривично дело и ги пријавиле во Министерството за финансии на САД, кое се занимава со борба против финансиски криминал. Извештаите го опфаќаат периодот од 2000 до 2017 година.

Банките, наводно, откриле над 2 трилиони долари сомнителни трансакции со пари низ целата планета во овој период.

Протечените фајлови покажуваат како се переле пари преку некои од најголемите банки во светот и како криминалците ги криеле своите пари.

Овие документи беа објавени на веб-страницата на американскиот „Buzzfeed“ и беа дистрибуирани до Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).

За „FinCEN“ се смета дека може да влијае на националната безбедност на САД и да ја загрози безбедноста на апликантите.

Што е „Понзи шема“?

„Понзи шема“ е пирамидална измама. Го доби името по Чарлс Понзи, италијански имигрант во САД, кој измами стотици инвеститори во дваесеттите години на минатиот век. „Понзи шемата“ ветува многу високи камати на заемите на инвеститорите.

„Претприемач“ најавува дека работи на многу профитабилен бизнис кој гарантира високи приходи и профит, но му треба заем, т.е. готовина „Инвеститорот“ А му дава на „Претприемачот“ заем од 1000 долари со рок на отплата од 90 дена и камата од 100 долари, кој се плаќа на деведесеттиот ден. Во текот на тие 90 дена, „Претприемачот“ наоѓа нови „Инвеститори“ Б и Ц ветувајќи го истото. На крајот на периодот, тој му нуди на „Инвеститорот“ да врати 1.000 долари и камата од 100, но исто така и да не ја подигнува главнината, па дури и каматата, повторно нудејќи ги истите одлични услови. Тој има пари за таа цел затоа што добил средства од „Инвеститорите“ Б и Ц. Повеќето од „Инвеститорите“ се лакомат и не ги вадат парите, т.е. ги реинвестираат. Поединци кои не веруваат, се исплаќаат на лице место, од парите што ги добил од другите, а тоа го крева „рејтингот“ на „Претприемачот“ како деловна и сериозна личност. Како одминува времето, бројот на „инвеститори“ се зголемува.

Сепак, по некое време, поради неодржливоста на ситуацијата и целокупниот концепт, се случува измамникот да бега со парите што ги има.

Измама VCM777

Измамата за која беше предупредена HSBC беше наречена VCM777. Ова доведе до смрт на инвеститорот Рејналд Пачек, кој беше пронајден мртов под вода на имот во Калифорнија, во април 2014 година.

Тој се приклучи на шемата и се очекуваше да регрутира други инвеститори. Ветувал дека сите ќе се збогатат.

„Буквално се обидуваше да ги подобри животите на луѓето, и тој самиот беше измамен, и за жал тоа го плати со својот живот“, рече наредникот Крис Пачеко, еден од полицајците што го истражуваше убиството.

Тој додаде дека Рејналд е „убиен затоа што бил жртва на Понзи шемата“.

Што подразбираше измамата?

Шемата ја започна кинескиот државјанин Минг Ксу. Малку се знае за тоа како започнал да живее во САД, иако тврди дека студирал во Калифорнија. Со седиште во областа Лос Анџелес, Ксу – или „Д-р Фил“, како што се претставил, се однесувал како свештеник во евангелските цркви.

Ксу рекол дека тој управува со глобалната банка за инвестиции, Светскиот пазар на капитал, која ќе исплати 100 проценти од профитот за 100 дена. Во реалноста тој ја водел VCM777 Понзи шемата.

Преку патувачки семинари, Фејсбук и веб-семинари на Јутјуб, тој собрал 80 милиони долари продавајќи наводни можности за инвестиции во „клауд компјутинг“. Илјадници луѓе од Азија и Латинска Америка беа вклучени во измамата. Измамниците биле насочени кон сиромашните заедници во САД, Колумбија и Перу. Жртви има и во други земји, вклучувајќи го и Велика Британија.

HSBC забележала сомнителни трансакции кои минуваат низ нејзините системи. Но, дури во април 2014 година, откако Финансиската регулаторна комисија на САД поднесе обвинение, сметките на VCM777 во HSBC во Хонг Конг беа затворени.

Во тој момент на нив не остана речиси ништо…

Слични содржини