Финска ги предупредила САД да не ги нарекуваат безбедносните гаранции за Украина „Член 5“

Депешата, датирана на 20 јануари, испратена од амбасадата на САД во Хелсинки до Вашингтон, изразува загриженост за терминологијата што се користи во мировните преговори меѓу Киев и Москва и вели дека дури и навидум слична формулација може да има сериозни безбедносни импликации

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Фејсбук/НАТО

Финска ги повикала американските претставници да бидат внимателни во опишувањето на идните безбедносни обврски, или гаранции, за повоена Украина и да не ги нарекуваат „слични на Член 5“, предупредувајќи дека таквата формулација може да ја ослабне клаузулата за колективна одбрана во срцето на НАТО алијансата, според депеша до која денес дошле од „Политико“.

Депешата, датирана на 20 јануари, испратена од амбасадата на САД во Хелсинки до Вашингтон, изразува загриженост за терминологијата што се користи во мировните преговори меѓу Киев и Москва и вели дека дури и навидум слична формулација може да има сериозни безбедносни импликации.

Според документот, финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен го разговарала ова прашање со американските конгресмени Џек Бергман и Сара Елфрет, членови на Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом на САД, на 19 јануари.

Валтонен нагласила дека Финска ја смета Русија за „долгорочна стратешка закана“ и предупреди дека „слабиот“ мировен договор за Украина може да ја ограничи нејзината способност да се одбрани од идна руска агресија.

Во исто време, таа изразила противење на употребата на терминот „безбедносни гаранции слични на Член 5“ за Украина, наведувајќи дека тоа би можело да доведе до идентификација на обврските на НАТО со можни билатерални или мултилатерални ветувања дадени на Киев.

Според дописот, Валтонен нагласила дека мора да постои „заштитен ѕид“ помеѓу НАТО и идните безбедносни аранжмани за Украина, а слични ставови изразила и финската министерка за одбрана на подоцнежен состанок.

Фински владин претставник, зборувајќи под услов да остане анонимен, рекол дека канцеларијата на министерката Валтонен не коментира доверливи дискусии, но ја нагласил долгорочната цел на Хелсинки, Украина еден ден да стане членка на НАТО.

„Целта на Финска е да ѝ обезбеди на Украина најсилни можни безбедносни аранжмани и гаранции во служба на одржлив и траен мир“, рекол функционерот, нагласувајќи дека ставот на Финска е дека иднината на Украина е во НАТО.

Член 5 од Северноатлантскиот договор предвидува дека вооружен напад врз една членка на НАТО се смета за напад врз сите членки на алијансата, а оваа одредба е активирана само еднаш, по терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година.

Содржината на телеграмата, според „Политико“, ги покажува и загриженостите на другите фински претставници, кои нагласуваат дека сакаат да ѝ помогнат на Украина да се одбрани, но дека идејата за формална безбедносна „гаранција“ е далекусежно прашање за кое сè уште не е постигнат консензус.