Финскиот претседател Саули Ниинисто ја предупреди Европа да биде претпазлива во врска со ризикот од ескалација на сеопфатната руска војна против Украина.
Ниинисто верува дека војната против Украина ќе трае долго и иако руската инвазија на Украина во февруари 2022 година беше „повик за будење“ за Европа и НАТО, овој факт сега постепено се заборава.
„Ние сме во многу чувствителна ситуација. Дури и малите нешта можат многу да ги променат работите и за жал на полошо. Тоа е ризикот од толку големи војни. Ризикот дека може да се користи нуклеарно оружје е огромен“, рекол Ниинисто во интервју за „Њујорк Тајмс“.
Тој, исто така, се залага за претпазлива политика на земји како САД и Германија во снабдувањето на Украина со некои видови оружје, главно за напади врз Крим окупиран од Русија.
„Постои разлика меѓу оние кои имаат одговорност и оние кои немаат… Само сакам да истакнам дека ако ескалира голема војна, тоа ќе биде светска војна, така што нуклеарниот ризик станува очигледно поголем“, смета Ниинисто.
Нинисто тоа го изјавил по неколку случаи на пронаоѓање фрагменти од беспилотни летала, најверојатно руски, на територијата на Романија, членка на НАТО. Земјата неодамна ја изрази својата подготвеност да собори неидентификувани беспилотни летала кои го преминуваат романскиот воздушен простор.