Фирмите задолжени за чистење и тековно одржување во државните институции не им исплатиле К-15 на вработените

од Aleksandar Todeski
546 прегледи

Се сменија фирмите, но навиките не. Вака дел од вработените во фирмите Стед Комерц и Благој Бапал, фирмите кои се задолжени за чистење и тековно одржување во државните институции за Локално ги коментираат состојбите во кои се најдоа, откако како поранешни вработени во администрацијата беа префрлени во контроверзната фирма Секјуриком, а потоа, откако по две децении добивање државни тендери, истите ги добија други фирми, вработените конечно потпишаа договори со други фирми, но проблемите им останаа исти.

Како што дознава Локално од вработените во двете фирми на крајот од годината им било кажано дека нема да го добијат законски загарантираното К-15, сепак на сметките на вработените во Стед Комерц пристигнале само 500 денари како прилив, но не било наведено дека се годишен регрес. Кај вработените во Благој Бапал пак, немало ниту денар.

Забуната со 500 денари префрлени на сметките на вработените во Стед Комерц останува, откако ниту од фирмата немале одговор дали оваа сума треба да претставува годишен регрес, додека пак од Благој Бапал не прецизирале зошто вработените ќе останат без К-15.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права, каде најчесто граѓаните анонимно пријавуваат нарушување на работничките права велат дека во 2020 година добиле само една пријава од страна на работничка за неисплатен регрес за годишен одмор. Друга работничка пак, побарала правен совет за правото на регрес.

„Оваа година не нѐ контактирале работници од овие две фирми за неисплатен регрес. Минатата година, вработени во Бапал нѐ контактираа за ненавремено исплатени плати и придонеси, а Државниот инспекторат за труд во тој случај утврди повреда“, велат од Хелсиншкиот комитет за Локално.

Прашања зошто не исплатиле годишен регрес, иако тоа е законска обврска на фирмите испративме и до Благој Бапал и до Стед Комерц, но до објавување на текстот, одговор не добивме.

Вработените истиот проблем го имаа и со фирмата на бегалецот Волфганг Гампер, Секјуриком, за 2017 година, кога и последен пат беа под фирмата, им  имаа исплатено 2.000 денари годишен регрес. Од таму пак, вработените се уште очекуваат исплата на една од платите која фирмата им ја должи, бидејќи отиде под стечај без да ги подмират долговите кон вработените, а токако нивниот сопственик Гампер, осомничен од обвинителството избега во родната Австрија.

Александар Тодески

Слични содржини