Довчерашните долгогодишни коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заеднички подготвиле договор за коалиција, кој покажува дека работните групи на двете партии го поделиле владиниот колач и се договориле да донесе нов закон за јазици, да се предлага харномизиран буџет, да се отвори дебата за државните симболи на државата и за геноцид врз македонскиот и албанскиот народ, објави „Фокус“.

Исто така, партиите постигнувале согласност за заеднички пристап во решавање на отворените прашања со соседите, вклучително и со оној за името со Грција, па дури и се презема обврска до собранието да предложат резолуција за активно залагање во насока на решавање на спорот за името и другите отворени прашања со соседите.
Она во двете партии не се согласиле е прашањето околу Специјалниот јавен обвинтел и Законот за заштита на сведоците, во однос на што стои една дополнителна реченица: „ДУИ ќе предложи во собранието Закон за промена на законот за СЈО и Предлог-закон за заштита на сведоци“.
Фокус интегрално ја пренесува содржината од овој договор, кој не беше оверен од една едноставна причина – мнозинство од раководството на партијата на Али Ахмети не беше за продолжување на соработката со Никола Груевски, туку за формирање на владејачка коалиција со СДСМ предводена од Зоран Заев:
ДОГОВОР ЗА КОАЛИЦИЈА
1.СОЦИЈАЛНА КОХЕЗИЈА
Во согласност со Охридскиот договор и Уставот на РМ, партиите се согласуваат за донесување на нов закон за употреба на јазиците.
Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор ќе се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, во чии рамки ќе биде основана централна институција за стандардизирана употреба на јазиците на заедниците која ќе обезбедува подготовка на преведувачи, лектори, предавачи, како и Инспекторат за имплементација на овој закон.
Париите се согласуваат да се ангажираат за да почнат сеопфатна општествена дебата за државните симболи.
Во согласност со Охридскиот договор, партиите поддржуваат спроведување на правична застапеност во органите кои не се регулирани со законите за јавна и државна администрација, како и спроведување на правична застапеност на сите нивоа на централната власт и јавните услуги и во претпријатијата со доминантна државна сопственост.
Партиите, исто така, поддржуваат широка дебата на ниво на експерти за злосторствата кон албанскиот и македонскиот народ во текот на минатиот век.
Целиот договор на „Фокус“ на следниот линк.