Фон дер Лајен во Тирана: Финансиски пакет со 15 стипендии за студенти од Западен Балкан

од Nikola Popovski

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен денеска во Тирана изјавила дека Европската унија (ЕУ) ќе додели финансиски пакет со 15 стипендии за студенти од Западен Балкан.

Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во рамки на отворањето на новиот кампус во Тирана на престижниот Европски колеџ од Бриж, рекла дека тој претставува нов мост кон ЕУ.

„Се сеќавам на идејата да имаме кампус на Европскиот колеџ овде во Тирана. Веднаш ја разбрав вашата визија и кој подобар начин од ова да ја подготвите иднината на Албанија за образование и обука на следната генерација. Така ја започнавме нашата работа. И тука сме, го создаваме третиот кампус на Европскиот колеџ“, изјавила европретседателката.

Додала дека ЕК одвоила средства за формирање на кампусот и најави финансиски пакет со 15 стипендии за студенти од Западен Балкан.

„Ова е фантастично затоа што додавањето на Европскиот колеџ во потрагата по високо образование и извонредност може само да придонесе за развојот и просперитетот на Албанија и регионот“, рекла таа.

Рама ѝ се заблагодарил на Фон дер Лајен за отворањето на кампусот и истакнал дека само ЕУ може да ѝ помогне на земјата да излезе од своето минато и да обезбеди демократија за своите граѓани.

„Урсула фон дер Лајен беше со нас во многу мрачни моменти, како на пример кога земјотресот ја погоди Албанија и можам да кажам без никакво сомневање дека без неа, нашиот пат за обнова ќе беше невозможен“, порачал Рама.

Тој додал дека за него Европа е знаење, учење како да ги реши сите проблеми што неговата земја ги наследила  од минатото и како да се трансформира.

Фон дер Лајен вечерва во Тирана ќе разговара и со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. Таа утре ќе учествува на самитот на процесот во Белрин.

Учеството на самитот го потврдија и германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и лидерите на Западен Балкан.

Слични содржини